Понекогаш не бегаме од неуспехот, туку од животот што е поголем од сликата за нас. · Фото: freestocks.org, CC0, Wikimedia Commons
Биди добро

Дали несвесно бегате од животот за кој сонувате? Го истражуваме феноменот „страв од врвот“

Многумина се соочуваат со страв од успех, кој ги спречува да напредуваат. Дознајте како овој феномен влијае на нашиот идентитет и односи.

Повеќето луѓе веруваат дека најголемата пречка за успехот е стравот од неуспех. Затоа често очекуваме дека, кога ќе ни се укаже добра прилика, кога ќе почнеме да постигнуваме резултати или кога конечно ќе го добиеме она што долго сме го сакале, ќе почувствуваме само задоволство и исполнетост. Меѓутоа, во психотерапевтската пракса понекогаш среќаваме нешто што на прв поглед изгледа парадоксално. Човекот напредува на работа, влегува во квалитетна врска, отвора сопствен бизнис или остварува долгогодишна цел, а наместо да продолжи понатаму, почнува да одложува, прави необични грешки, се повлекува или целосно се откажува. Како самиот да си подметнува нога токму во мигот кога би требало да заблеска.

Тоа не е секогаш мрзеливост, недостиг на дисциплина или мала мотивација. Понекогаш станува збор за страв од успех. Во општество што натпреварувањето го крева на пиедестал, а достигнувањата ги изедначува со среќата, овој вид страв звучи ирационално, речиси невозможно. Сепак, тој е тука, тивок саботер што понекогаш нè влече назад токму тогаш кога сме на прагот на остварувањето.

Кои сфери од животот ги засега?

Дефиницијата за успех не е иста за сите нас. Некој го поистоветува со професионалниот и економскиот статус, друг со креативната слобода, а трет со остварувањето во љубовта. Затоа стравот од успех не избира. Тој може да се вовлече во кој било аспект од животот што се обидуваме да го решиме, да го запре нашиот напредок и да нè збуни и нас и оние околу нас. Причината е едноставна: успехот менува многу повеќе од околностите.

Тој не носи само придобивки, туку директно го трансформира нашиот идентитет, односите и очекувањата што другите ги имаат од нас. Додека неуспехот главно го потврдува она што веќе го познаваме, успехот нè воведува во непознатото. А човечкиот ум не реагира само на опасност, туку се плаши и од промена. Токму затоа, за многу луѓе клучното прашање не е: „Што ако не успеам?“, туку: „Што ако успеам и тоа промени сè?“

Ако сме навикнати на критика, успехот може да изгледа туѓ. Ако сме навикнати на чувство на помала вредност, признанието може да предизвика нелагода. Ако сме навикнати да се бориме за трошки внимание, здравите односи можат да изгледаат сомнителни. Парадоксално, понекогаш не бегаме од неуспехот. Бегаме од живот што е поголем од сликата што ја имаме за себе.

Како изгледа самосаботажата?

Самосаботажата ретко изгледа како свесна одлука. Многу почесто се појавува преку:

  • одложување на важните чекори;
  • пропуштање рокови;
  • перфекционизам што никогаш не дозволува нешто да биде доволно добро;
  • откажување пред самата цел;
  • фокусирање на споредни работи наместо на она што е навистина важно;
  • создавање конфликти во периоди кога ни оди добро;
  • намалување на сопствените успеси.

Човекот често не е ни свесен дека се штити од нешто. Само чувствува необјаснив отпор токму кога би требало да направи чекор напред. Ајде да ѕирнеме зад кулисите на тие несвесни мотиви што нè држат во место.

Страв од поголема одговорност

Успехот често носи нови очекувања. Унапредувањето на работа значи повеќе одговорност, а поголемата видливост значи и повеќе проценување од другите. Напредокот нè води во позиција во која повеќе не можеме да се криеме зад изговорот дека „не ни била дадена шанса“. Некои луѓе несвесно ја избираат стагнацијата, бидејќи им изгледа посигурна од товарот што успехот неизбежно го носи. Тука не станува збор само за добивање аплауз или внимание, туку за преземање одговорност и прифаќање на возрасната улога.

Во ситуации кога не сме подготвени да преземеме нови улоги и должности, понекогаш не сме подготвени ни за успех. На пример, завршувањето на факултетот нè води кон вработување и излегување од емоционално и економски зависната позиција кон родителите. За некои луѓе ова одвојување може да изгледа застрашувачки, па несвесно ги саботираат академските и професионалните резултати за да останат во зоната на познатото. Стравот од одговорност така станува несвесен штит со кој го браниме својот „сигурен“, но тесен свет, плашејќи се дека во возрасната улога нема да имаме доволно капацитет да се снајдеме.

Страв од издвојување

Од детството учиме да припаѓаме на група. Тоа е наша биолошка потреба за преживување. Ако сме пораснале во средина во која успешните луѓе биле критикувани, омаловажувани или тајно им се завидувало, успехот може да почне да изгледа како закана за припаѓањето. Несвесната порака тогаш гласи: „Ако успеам, можеби повеќе нема да припаѓам.“ Затоа некои луѓе ги намалуваат своите способности и го кочат својот напредок, за да останат „како сите други“.

Овој страв е длабоко вкоренет во срамот. На културно ниво, успехот често се поистоветува со „искокнување“, а понекогаш и со несоодветно привлекување внимание. Така срамот станува чувар на нашата просечност: се плашиме дека со своето „блескање“ ќе ги засениме другите, па избираме да останеме во сенка. На крајот плаќаме висока цена: се откажуваме од сопствениот потенцијал за да си го обезбедиме правото на припаѓање.

Страв од губење на блиските односи

Понекогаш успехот предизвикува длабоко чувство на вина. Човекот може да има впечаток дека со својот напредок ќе ги повреди родителите, партнерот или пријателите, особено ако доаѓа од систем во кој другите имале помалку можности. Тогаш успехот може да се доживее како предавство или напуштање на оние што останале зад нас.

Некои од прашањата што тогаш може да ги слушнеме во психотерапевтската соба се: „Кому би му пречело да успеете? Кој не би се радувал?“ Ако сте растеле со коментари како „Не си ти за тоа!“ или ако, откако радосно сте ги објавувале своите достигнувања, сте добивале „порции“ пасивна агресија и нагли промени во расположението на блиските, сте научиле дека успехот е опасен за односите. Резултатот од ваквите искуства е суптилно откажување од себеси, молчење за сопствените успеси и самосаботажа, за да се одржи мирот во системот. Кој сте вие за да ги раширите крилјата? Кој би го одобрил тоа или би се радувал? На крајот сфаќаме дека сме се откажале од сопствените крилја затоа што сме поверувале дека никој од околината не би го поднел нашиот лет.

Уверувањето дека не го заслужуваме успехот

Многу луѓе носат длабоко вкоренети уверувања за себе: „Не сум доволно добар“, „Не сум доволно паметна“, „Тоа не е за луѓе како мене.“ Кога реалноста ќе почне да ги побива тие уверувања, се јавува внатрешен конфликт.

Наместо да ја сменат сликата за себе, некои луѓе несвесно ја саботираат приликата за да го зачуваат познатиот идентитет.

Колку и да е болен, познатиот идентитет често изгледа посигурен од непознатиот. Затоа грчевито се држиме за своите ограничувања, бидејќи ако си дозволиме да успееме, би морале да се соочиме со ризикот да бидеме некој што навистина го заслужува најдоброто. А тоа за многумина од нас е најстрашниот предизвик од сите.

Како да го надминеме стравот од успех?

Првиот чекор не е поголема дисциплина. Првиот чекор е љубопитноста. Кога ќе забележите дека одложувате нешто што ви е важно, запрашајте се: „Што би се сменило кога навистина би успеал? Кој дел од мене се плаши од тој успех? Од што би морал да се откажам? За кого би престанал да бидам познатата верзија на себеси?“

Одговорите на овие прашања често водат многу подлабоко од самиот проблем со мотивацијата. Бидејќи зад самосаботажата често не се крие недостиг на желба за успех. Се крие стравот од сè што успехот може да промени.

За крај

Понекогаш најголемата пречка не е тоа што веруваме дека не можеме да успееме, туку тоа што не знаеме кои ќе бидеме кога ќе успееме. Токму тука почнува важната психолошка задача: да ја прошириме сликата за себе толку што во неа ќе има место и за успехот. Не само да го оствариме, туку и да го поднесеме.

Зашто, за некои од нас, патот до врвот не е најтешкиот дел. Најтешко е да поверуваме дека на тој врв имаме право да останеме.

Оригинал: Elle.rs.

Прочитајте и