Дали би разговарале со најдобрата пријателка онака како што разговарате со себеси? Повеќето од нас би одговориле „никако“. Кон себе сме построги, ги паметиме сите грешки и маани и веруваме дека сите други некако подобро се снаоѓаат во животот. Психолозите имаат име и за ова: ефект на прекрасниот хаос (beautiful mess effect).

Стравот од отфрлање често е неоснован
Да покажеме ранливост, да признаеме чувство, грешка или страв, изгледа ризично. Се плашиме дека другите ќе нè видат како слаби. Но истражувањата покажуваат дека овој страв е во голема мера погрешен.
Психологот Ана Брук и нејзиниот тим од Универзитетот во Манхајм спроведоа седум истражувања со стотици учесници. Тие замислуваа ситуации во кои тие самите или некој друг покажува ранливост, на пример признава љубов или грешка, и проценуваа колку таа личност изгледа храбра или слаба. Во секое истражување, учесниците ја оценуваа сопствената ранливост многу понегативно од туѓата.
Од каде доаѓа разликата?
Објаснувањето е во начинот на кој размислуваме. За сопствените слабости размислуваме конкретно и детално, ја гледаме секоја ситница. Другите ги гледаме од дистанца, поапстрактно. Кога пријателката поминува низ тежок период, не ги гледаме нејзините маани, туку нејзиниот труд и издржливост.
Апстрактното размислување води кон попозитивен и похрабар поглед, и затоа туѓата ранливост ни изгледа привлечна, а нашата срамна.

Убавината е во хаосот
Овој ефект може да го искористиме за да изградиме доверба и блискост. Кога ќе се отвориме и ќе покажеме емоција или слабост, добиваме двојно: поблаг поглед кон себеси и помалку потрошена енергија за одржување на совршената слика. А нашата искреност може да инспирира и некој друг.
- Забележете кога сте построги кон себеси отколку што би биле кон некој близок.
- Дозволете си да ги покажете чувствата, да признаете грешка и искрено да зборувате за стравовите.
- Запомнете дека другите најверојатно ве гледаат со многу повеќе разбирање отколку што мислите.
Она што кај себе го гледаме како хаос, другите често го гледаат како храброст.



